
Денес во Охрид се одигра пријателски натпревар меѓу лидерот во Првата македонска фудбалска лига, Тиверија Брера и актуелниот шампион на Црна Гора, Брезница, натпревар кој заврши со триумф за струмичанки од 2:1.
Одличен и возбудлив натпревар, каде стратезите и на двете екипи имаат можност да комбинираат и да ја проверуваат формата на фудбалерките пред почетокот на првенството. Ива Јосифова и Бразилката Тчеури Харуми Гоја беа стрелци во Охрид за екипата на Тиверија Брера.
Натпреварот кој се одигра на теренот со вештачка трева при СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид беше уште еден меѓународен пријателски натпревар за Тиверија Брера, која во саботата со 5:1 славеше над екипата на Спортика од Бугарија во Струмица.
Фудбалерките на Славе Велков играат борбено и со карактер, желни за резултати и погодоци, а ако се согледа тоа што се одигра во есенскиот дел и како игра Тиверија Брера на пријателските, иако на овие мечеви резултатот е и во втор плат, Тиверија Брера најавува голема борба за освојување на титулата.
Екипата на Брезница во пролетниот дел ќе води борба за одбрана на титулата, која за овој тим е деветта и всушност Брезница има најмногу титули во црногорскиот шампионат, а пак Тиверија Брера која е лидер во македонскиот шампионат во пролетниот дел ќе води борба за освојување на првата титула, што ќе биде историска за Струмица кога е во прашање женскиот фудбал во сениорска конкуренција, а таа титула ќе донесе и излез во Европа.
Александар Ванев, Струмица Сити