Данче Карпузовска се врати во Тиверија Брера

Струмичкиот прволигаш Тиверија Брера за пролетната полусезона на Првата женска фудбалска лига се засили со повратничката Данче Карпузовска.

22-годишнината Карпузовска во Тиверија Брера доаѓа од редовите на актуелниот шампион Љуботен од Тетово, а има настапувано и за Вардар и Плачкоица од Радовиш. Карпузовска потекнува од школата на Тиверија Брера, а дресот на струмичкиот клуб го носеше долги години, од 2014 до 2022 година.

„Данче потекнува токму од нашата школа и добро ја познава нашата игра. Беше дел од нашиот клуб од 2014 до 2022 година и по две и пол години повторно се враќа дома. Данче е офанзивен фудбалер кој може да игра на повеќе позиции и сметаме дека ќе биде големо засилување во нашиот квалитетен тим. Добредојде дома Данче, ти посакуваме многу спортска среќа и заеднички успеси“, велат од клубот.

Тиверија Брера е есенски шампион во ПЖФЛ, а во пролетнот дел сака потврда на првото место и освојување на шампионската титула, а со тоа обезбедување и на „виза“ за излез во Европа.

Александар Ванев, Струмица Сити

Comments are closed.