Горазд Михаилов е за нов шеф на стручниот штаб на Брера Струмица за продолжението од сезоната во Првата македонска фудбалска лига.
Михаилов во Струмица доаѓа како наследник на српскиот стратег Бојан Круљ кој спогодбено се раздели со Брера поради лошите резултати кои ги имаше струмичкиот клуб односно поразите од Силекс, Шкендија и Струга, а Михаилов во Брера доаѓа од редовите на Вардар, каде беше тренер изминатата полусезона и првите два натпревари од новата сезона во елитата.
Во стручниот штаб на Михаилов помошници ќе му бидат Тане Темелков и Тони Атанасов кој од младинскиот погон на тимот се префрлува во сениорите, кондиционен тренер останува радовишанецот Дарко Коцев, а со голманите ќе работи Ѓорѓе Шопов.
Во својата кариера ги водеше екипите на Силекс, велешки Борец, Тетекс, Напредок, Пелистер и Охрид, а работеше и во Приједор во Босна и Херцеговина.
Михаилов и во самата изјава на промоцијата рече дека сака да форсира млади играчи и да игра офанзивен фудбал.
Своето деби на клупата на Брера Струмица, Михаилов ќе го има на домашен терен против новајлијата Беса од Добри Дол, во рамки на петтата рунда од Првата лига. Репрезентативната пауза ќе биде искористена за екстра подготовки и одигрување на пријателски меч со второлигашот Осогово од Кочани.
Александар Ванев, Струмица Сити