Фудбалскиот клуб Тиверија од Струмица кој се натпреварува во Третата македонска фудбалска лига – Исток минатата година прослави 100 години од формирањето, а по тој повод беше издадена монографијата 100 години Тиверија – еден век фудбалска историја.
Клубот успешно опстојува и функционира во овие 100 години, а сега е стабилен третолигаш на Истокот, а минатата година беше единствен клуб од Струмица и струмичко кој настапи во Трета лига – Исток.
„Издавањето на монографијата на ФК Тиверија како да поттикна голем број поранешни фудбалери и спортски работници да изразат желба да му помогнат на својот клуб. Извесен период се водеа интензивни разговори во управата на клубот да се вклучат неколку поранешни фудбалери на Тиверија. На крајот успеавме во тоа. Од денес ФК Тиверија е со нов, поголем управен одбор кој ќе има за цел да ги подобри условите за работа за нормално и непречено функционирање на клубот кој настапува во Третата лига – Исток“, велат од ФК Тиверија.
Во следниот период управниот одбор ќе формира претседателство кое ќе раководи со клубот.
„Покрај поддршката што ја имаме од општина Струмица се надеваме дека во иднина ќе се вклучат и локалните стопанственици во поддршката на клубот кој опстојува непрекинато повеќе од 100 години, клуб кој е симбол на Струмица и клуб во кој настапувале илјадници Струмичани. Воедно ја информираме струмичката спортска јавност дека во склоп на клубот денес се формираше и клубот на ветерани под име ФК ТИВЕРИЈА ВЕТЕРАНИ кој е прв фудбалски клуб на ветерани во општина Струмица“, се вели во соопштението на ФК Тиверија.
Новитет е и формирањето на ФК Тиверија Ветарани, кој е прв фудбалски клуб на ветерени во општина Струмица.
Александар Ванев, Струмица Сити