Француски интеренационалец Џибрил Дианиси ново засилување за Брера Струмица

Прволигашот Брера Струмица за новата сезона се засили со францускиот фудбалер Џибрил Дианиси кој во својата играчка кариера има настапувано за повеќе клубови во Франција, Белгија, Холандија, Естонија.

Станува збор за 28-годишен играч на крилната и напаѓачка позиција кој минатата сезона настапуваше за белгискиот Ла Лувиер. За овој клуб има 13 настапи во првиот тим при што беше стрелец на три погодоци. Ново засилување на струмичани потекнува од школата на француски Тулуз од каде заминува во Холандија каде три сезони настапува за Мастрихт и Фотурна. Кариерата ја продолжува во естонски Калју и белгискиот Лувиер.

Претседателот на Брера Струмица, фудбалската легенда Горан Пандев е задоволен од овој трансфер.

„Долго преговаравме со овој играч бидејќи сакавме да го донесеме во нашите редови. Ова засилување ги покажува нашите амбиции за наредната сезона и дека во нареднито период нашиот клуб ќе ангажира засилувања од истиот калибар. Во прашање е играч кој може да покрива повеќе позиции во нападот и очекуваме многу во следната сезона“, рече претседателот на клубот Горан Пандев, по промоцијата на Дианеси.

По промоцијата изјава даде и Дианеси, кој рече дека е чест и задоволство да игра за клуб на кој претседател е Пандев.

„Чест и задоволство е да играм за клубот кој за претседател го има Горан Пандев. Ќе дадам се од себе за исполнување на амбициите на тимот за новата сезона, бидејки од тоа што го слушнав Брера за наредната сезона ќе атакува на врвот на прволигашката табела“, вели Дианеси.

Во новата сезона Брера Струмица влегува со цел за освојување на првите четири места на табелата и да обезбеди излез во Европа.

Александар Ванев, Струмица Сити

Comments are closed.