Дербито на некогашните прволигаши Беласица и Победа заврши со триумф од 3:1 за струмичани кои стигнаа до трето славје и имаат девет бодови на своето конто.
Почетните два порази го вклучија црвениот аларм во Струмица со што струмичката гордост влезе во победнички ритам од три последователни победи.
Беласица беше подобар противник и силно ја посакуваше победата од самиот старт. Благој Стојанов ја израдува струмичката публика по пет минути игра откако погоди за 1:0, а пред крајот на првиот дел Александар Милушев беше стрелец на голот за 2:0 на полувреме.
Во вториот дел Победа влезе со два гола негатива и сакаше гол за да се врати во игра барем за бод, но двата гола предност Беласица лесно ги претвори во убедливо водство од 3:0, откако Тони Мичковски беше стрелец на гол за високи 3:0 во 82. минута. Пет минути подоцна Амил Табаковиќ погоди за конечни 3:1.