Вегетаријанците се поздрави, но не живеат подолго

За секој кој станал вегетаријанец мислејќи дека ќе живее подолго ако се откаже од месото, истражувањето на Универзитетот во Сиднеј носи лоши вести – вегетаријанството не е поврзано со намален ризик од прерана смрт.

Австралиските истражувачи ги следеле навиките на речиси четвртина милион луѓе, на возраст од 45 и повеќе години, во период од шест години. Во извештајот, објавен во списанието Preventive Medicine, се наведува дека нема значајни разлики во веројатноста за смрт меѓу оние кои практикуваат целосна, полукомплетна (месо еднаш неделно) или „песко“ (базирана на риба) вегетаријанска исхрана и оние кои редовно јаделе месо..

Истражувачите земале предвид и други фактори, како што се: возраста, консумацијата на цигари и алкохол, висок крвен притисок, дијабетес тип 2 и срцеви заболувања. Веганите исто така се категоризираат како вегетаријанци.

Истражувањето покажа дека вегетаријанците немаат тенденција да пушат и да пијат прекумерно или да бидат дебели и дека имаат помали шанси да добијат рак или срцеви заболувања.

„Важно е да се напомене дека сите вести не се лоши за вегетаријанците, бидејќи тие генерално имаат многу поздрав начин на живот од невегетаријанците“, вели коавторот на студијата д-р Сима Михршахи, виш научен соработник на Универзитетот во Сиднеј.

Ова е потврдено од некои претходни студии. Истражувачите од Универзитетот Оксфорд уште во 2013 година објавија извештај во кој е утврдено дека ризикот од хоспитализација или смрт поради срцеви заболувања е за 32 отсто помал кај вегетаријанците.

Се поголем број луѓе во светот истакнуваат дека стануваат вегетаријанци од различни причини, како што се благосостојбата на животните и намалувањето на негативното влијание на човештвото врз животната средина. Вегетаријанството станува видлив тренд и во рестораните, кафулињата и супермаркетите.

Comments are closed.