Дали е потребно да се нанесува дезодоранс?

ФОТО: Alliance Images / Shutterstock

Луѓето ја третираат употребата на дезодоранси како миење заби или миење на лицето, една од хигиенските активности што ги прават секој ден и не размислуваат премногу за нив. Сепак, дали навистина е потребно да се носи дезодоранс или тоа е општествено прифатена навика, зад која нема конкретни медицински аргументи? Што велат дерматолозите за тоа, дознајте во следните редови.

„Живееме во општество каде мирисот на телото не е универзално прифатен, што го направи дезодорансот дел од нашата секојдневна рутина. Исто така, постои стигма поврзана со облеката која е влажна од потење“, вели д-р Џошуа Зеикнер, професор по дерматологија во болницата Маунт Синај во Њујорк.

Тој објаснува дека дезодорансите ги неутрализираат мирисите, додека антиперспирантите ја намалуваат влажноста на кожата и дека двете својства често се наоѓаат во еден производ, пренесува N1.

Кога се зборува за аргументите за и против дезодорансите, се споменува и аргументот дека потта има своја цел.

„Се потиме за да ја контролираме телесната температура. Меѓутоа, во некои случаи се потиме повеќе од потребното. Ова е познато како патолошко потење или хиперхидроза. Самата пот е без мирис, но бактериите кои се наоѓаат на кожата продираат во потта, што создава непријатен мирис“, објасни Зејкнер.

Тој додава дека доколку се одлучите да користите антиперспирант, треба да го нанесувате навечер бидејќи ќе биде поефективен, бидејќи навечер помалку се потиме.

Но, доколку немате проблеми со прекумерното потење, блокирањето на производството на пот со помош на антиперспиранти не е добра идеја, предупредува д-р Џули Расак, дерматолог од истоимената клиника во Њујорк. Таа додава дека блокирањето на потењето под пазувите ризикува зголемено потење на другите делови од телото.

Мирисот на пот зависи и од храната што ја јадеме, па оние кои уживаат во големи количини на брокула, кељ или карфиол можат да имаат изразен мирис.

„Здравјето на желудникот, кожата и состојбата на микробите на кожата може да влијаат на мирисот на нашето тело. Некои метаболички нарушувања создаваат многу уникатен мирис. Здравата кожа и здравото тело не треба да имаат непријатен мирис“, вели Расак.

Заклучокот на експертите е дека одлуката да престанете да користите дезодоранс може да има свои позитивни и негативни страни.

Имено, без дезодоранс и антиперспирант, телото по одредено време ќе развие посилен мирис, а редовното капење е најдобриот сојузник против непријатниот мирис.

„Треба особено да се фокусирате на миење на лицето и миење на пазувите и пределот на гениталиите, бидејќи овие делови од телото се потат повеќе од другите. Ова може да предизвика прекумерен раст на микроорганизми на кожата, како габи и бактерии“, предупредува Зејнкер.

Друг начин да го избегнете прекумерното потење е да носите удобна облека која „дише“ и е направена од природни материјали.

Comments are closed.