Академија Пандев против Скопје во Автокоманда сака нова победа и нови три бода

Викендот на програмата се натпреварите од 16. коло на Првата македонска фудбалска лига. Академија Пандев в недела ќе гостува во Автокоманда каде против Скопје ќе брка нова победа, за продолжување на победничката серија и нови три бода на своето конто.

Трите бодови силно ги посакуваат и „пиратите“ и „пандевци“ во тешката борба за опстанок во фудбалската елита на Македонија.

Академија Пандев направи прогрес од 10-тото на 9-тото место на табелата во ПМФЛ, откако извлече важен бод на тешкото гостување во Тетово со Шкендија (1:1), а пак против Силекс славеше со високи (3:0) со што Академија Пандев го запиша третиот сезонски триумф.

Скопје е „закован“ на дното од табелата со 6 бодови и го очекува повеќе од тешка борба за бараж за опстанок, со оглед на фактот дека местата кои обезбедуваат директен опстанок, веќе се предалеку за „пиратите“, па првичната цел би била сигурен бараж, што за Скопје не би било ништо ново, бидејќи и минатата сезона играа бараж и преку него со триумфот на Беласица останаа во Прва лига.

Натпреварот ќе започне во 13 часот, а правдата ќе ја дели Јован Качевски од Струга.

Comments are closed.