Дури и малку светлина во собата за време на спиењето не е здрава, покажуваат истражувањата

ФОТО: cottonbro

Ако сакате вашата соба да биде целосно темна кога спиете, изгледа дека сте биле во право цело време, бидејќи едно ново истражување покажа дека дури и мала количина на светлина во таа соба може да има негативни ефекти врз нашето здравје.

Истражувањето, спроведено од тим од американскиот универзитет Нортвестерн, опфати 20 луѓе поделени во две групи. Едната група спиела во целосно темна просторија, додека другата имала вештачка светлина од 100 лукс. Ова може да се нарече еквивалент на осветлување на телевизор, друг електронски уред или улична светилка во близина на спалната соба.

Оние 10 луѓе кои биле изложени на оваа светлина имале зголемен пулс во текот на ноќта, а зголемена отпорност на инсулин наутро. Во пракса, тоа значи дека нивните организми имале повеќе проблеми да ја доведат количината на шеќер во крвта во нормални граници во споредба со луѓето кои спиеле во темнина.

Иако сè уште не знаеме многу за тоа што се случува за време на процесот на спиење, ова е добра почетна точка за некои идни истражувања за ефектите на светлината врз оние кои спијат или дремат.

Comments are closed.