
Академија Пандев веќе в недела на домашниот терен во Струмица против последнопласираниот Пелистер ќе бара излез од мини резултатската криза. Во меч од 27. коло на Првата македонска фудбалска лига „пандевци“ ќе важат за големи фаворити за трите бодови.
По поразот на домашен терен од Скопје и ремито кај Борец во Велес младиот тренер Ѓорге Стојчев поднесе оставка, но истата не беше прифатена и доби максимална поддршка од клубот со што Стојчев останува на тренерското столче и ќе ја води Академија Пандев и во продолжението од сезоната.
Пелистер веќе е пред официјално испаѓање во Втора лига, па битолчани веќе започнуваат подготовки за експресно враќање во Првата лига, а од друга страна Академија Пандев нема право на грешка и веќе в недела ќе мора да победи со цел да не го загрози местото кое води во Европа, но и да не се надева на кикс на „лавовите“ од Ѓорче Петров против Брегалница со што во таков случај „пандевци“ би имале пак бодовна разлика во однос на Македонија ЃП.
Пред стартот на 27. коло Академија Пандев е трета со 49 бодови, колку што има и Македонија Ѓорче Петров која е четврта.