
Струмичкиот прволигаш Академија Пандев ќе добие нов тренер, откако младиот тренер Ѓорге Стојчев си поднесе оставка од позицијата шеф на стручниот штаб.
Оставката доаѓа по двата кикса на „пандевци“- поразот од Скопје (1:2) на домашен терен и реми кај Борец (1:1) во Велес.
35-годишниот струмички тренер ја превзеде тренерската палка од Александар Васоски кој замина во босански Сараево. Стојчев на преку својот Фејсбук профил упати благодарност до Горан Пандев и клубот, а на „пандевци“ им посака остварување на зацртаната цел – да заиграат во европските натпреварувања.
„Благодарност до Горан Пандев, Фк Академија Пандев. Со срце и душа работев од создавањето на клубот па се до денес. После двата последни резултати одговорноста ја превземам јас како тренер. Посакувам на клубот, играчите во иднина исполнување на зацртаната цел и се надевам ФК Академија Пандев ќе игра во Европските натпреварувања“, напиша Стојчев.
Стојчев ја водеше Академија Пандев на осум првенствени натпревари во Прва лига и забележа скор од четири победи, две ремија и два порази. „Пандевци“ во мометот се трети на табелата со 49 освоени бодови, колку што има и Македонија Ѓорче Петров, па до крајот на сезоната двете екипи ги очекува борба за третото место и излез во Европа.