
Основниот суд во Струмица донесе осудителна пресуда за хеликоптерската несреќа кај Струмица, која се случи на 10 јули 2014 година и во која загинаа четворица пилоти на МВР.
Според пресудата обвинетата, тогашната директорка на јавното претпријатие Национална Радиодифузија Јулијана Спировска доби условна казна затвор од две години доколку делото не го повтори во наредните три години, технички директор Драгослав Радески една година и шест месеци условна казна доколку делото не го повтори во наредните две години.
Национална радиодифузија е казнета со парична казна во износ од 1 милион денари. Според пресудата тие се товарат дека сториле тешки дела против општата сигурност.
На пресудата жалба најавија Обвинителството, кое ќе се жали на висината на изречената казна, а осудените на изречената казна за која сметат дека треба да е ослободителна.
Во хеликоптерот произведен 2008 година, на 10 јули 2014 година пилотите на МВР- Драган Мицев, Марјан Трајкoвиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички биле на ноќен лет на релација Скопје-Велес-Неготино-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и назад и била користена опрема за ноќно летање. Во моментот на уривањето тој удрил во антенски столб на тогашната „Македонската радиодифузија“. Сите четворица пилоти починале веднаш.