
Најдобриот стрелец во есенскиот дел во Првата македонска фудбалска лига, Мартин Мирчевски денес и официјално беше промовиран како нов играч на ТСЦ Бачка Топола. Тој стави потпис на договор од три години.
Мирчевски ја одигра најдобрата полусезона во кариерата, во есенскиот дел во македонскиот шампионат во дресот на Академија Пандев постигна 16 погодоци, а тоа беше причина за негов прв интернационален предизвик во неговата кариера.
24-годишниот македонски фудбалер е трето зимско засилување за ТСЦ Бачка Топола.
„Академија Пандев договори трансфер на Мартин Мирчевски во ТСЦ Бачка Топола од Србија. Иако беше член на клубот само една полусезона, Мартин остави голема трага и статистика која ќе биде голем предизвик за сите сегашни и идни фудбалери во Академија Пандев. Интересот за најдобриот стрелец во ПМФЛ беше голем, сепак единствен тим кој достави конкретна понуда беше ТСЦ Бачка Топола, а таа понуда се совпадна и со желбата на фудбалерот да оди чекор напред во кариерата. Минче ти благодариме за се што постигна за нашиот клуб за толку краток период, продолжи со исто темпо и во новата средина“, велат од струмичкиот фудбалски прволигаш.