Градоначалникот Костадинов, го отвори 45-то издание на Меѓународен турнир во борење-слободен стил за сениори „Македонски бисер“

Градоначалникот Костадин Костадинов, го отвори 45-то издание на Меѓународен турнир во борење-слободен стил за сениори „Македонски бисер“, кој викендов се одржува во Струмица.

„Струмица како да е претплатена за јубилеите, бидејќи за првпат беше домаќин на оваа врвна спортска манифестација во 1996 година, кога „Македонски бисер“ се одржа по 20-ти пат. А колку е значаен овој меѓународен турнир, зборува фактот дека истиот се одржува по календарот на Светската Боречка Асоцијација, податок кој импонира и не прави горди.Струмица отсекогаш била позната како спортски град и има интенции таков да остане и во иднина. Но и покрај тоа, треба да се признае дека борењето, и покрај тоа што во минатото бележеше бројни успеси преку Боречкиот клуб „Извор“, денес е во фаза на стагнација. Историјата на струмичкото борење памети бројни вонсериски борачи од типот на Тефиков, Јусуфов, Ќечев, Мицков, Алифкинов, Ристов, Ефтимовски и други, кои се закитувале со медали на значајни балкански, европски и светски натпреварувања, па се надевам дека токму „Македонски бисер“ ќе биде доволен предизвик за рестартирање на борењето во Струмица. Истовремено, верувам дека и македонското борење ќе се врати на старите добри патеки, како во златното време на Шабан Сејдиу, Шабан Трстена, Зоран Шоров, Ристо Дарлев, Мохамед Ибрагимов и останатите, бидејќи не смееме да заборавиме дека борењето е, без конкуренција, најтрофејниот македонски спорт“, рече Костадинов.

Comments are closed.