Градоначалникот Костадин Костадинов, вечерва, го отвори 6-от Меѓународен симпозиум по археологија

Градоначалникот Костадин Костадинов, вечерва, го отвори 6-от Меѓународен симпозиум по археологија (алатки и оружје) – „Homo creatus est per instrumenta“ кој се одржува во хотелот „Сириус“.

Поздравувајќи ги учесниците, тој го потенцираше задоволството што Струмица е домаќин на овој симпозиум, а Заводот и Музеј е единствената установа од областа на заштитата на културното наследство и музеологијата во земјава, која континуирано организира меѓународен научен собир од областа на археологијата, антропологијата, историјата на уметноста и ним сродните науки.

„Токму затоа, со задоволство ја прифатив поканата да го означам почетокот на овој меѓународен симпозиум кој биенално по шести пат се одржува во нашиот град. Ако се суди според неспорната успешност на претходните пет научни собири кои опфатија исто толку различни теми од битисувањето на човекот низ изминатите епохи, тогаш моите очекувања и очекувањата на луѓето од домашната и меѓународната стручна јавност се повеќе од оптимистички, дека во наредниве два дена ќе биде направен крупен исчекор во презентирањето на научните достигнувања за орудијата и алатките, како и дебатите кои од нив ќе произлезат.Ми претставува чест, макар и преку видео врска, да ги поздравам 26-мината еминентни учесници на симпозиумот од Англија, Франција, Италија, Хрватска, Србија, Романија, Бугарија и Северна Македонија и да им посакам успешна работа на научниот собир“, рече градоначалникот Костадинов.

Comments are closed.