ИНТЕРВЈУ СО СТРУМИЧАНЕЦОТ ЛАЗАР МИТРОВ – ,,”ЖИВОТОТ Е АВАНТУРА”

После 25 години отсуство повторно се враќа со нови нумери. Нашиот струмичанец Лазар Митров познат на постарите по хитот од 1992 година „Со Исус се родив“, па хитот од 1994 година „Ќе те направам каша“ и секако 1995 „Што ќе ми е се“ се враќа оваа година со 4 нови нумери „Немој не оди“, „Трајко од наше село“, „Песна стара“ и последната нумера во дует со Аца Логос „Удри жестоко“. Струмица Сити разговараше со Митров за неговите нови песни, за неговиот приватен и професионален живот, за музичките соработки и за можеби најважното што понатаму со музиката.

• Што е тоа што ве поттикна да издадете нови песни ?

„Некој кој што работел со музика порано, па и ден денес сигурно одвреме навреме ќе го земе инструментот во раце и ќе засвири некоја песна. Музиката е таква од која никогаш не можеш да се одделиш од неа без разлика што и да работиш. Секој кој е навлезен во таа тема порано или подоцна тоа што тлее во него мора да излезе на виделина. Мислам дека со секоја уметност е така. Не дека 25 години јас ја оставив на цело музиката, едноставно се повлеков од сцената. Кај нас многу ретко се луѓе кои живеат само од музиката, професионално да се занимаваш со тоа овде во нашата држава без да работиш нешто друго е многу редок случај посебно во забавната музика. А тоа што ме потикна пак да направам нови песни можеби е тоа што со музиката не мислиш на реалноста, на проблемите, едноставно наоѓаш излез во својата креативност. Кога ги правам песните комплетно се концентрирам само на тоа. Тоа ме исполнува духовно и ми прави задоволство“, раскажува Митров за Струмица Сити.

• Што се случуваше во меѓувреме во тие 25 години како приватно така и професионално ?

„Се случува живот. Не знаеш каде ќе те однесе, што се ќе работиш и каде ќе „заплови бродот“. Животот е авантура, полн со препреки кои дел по дел ги совладуваш. Што ли немам работено во меѓувреме додека да го најдам вистинскиот пат. Возев такси, држев угостителски објекти, игротека, 1999-2000 година со Горан Кукиќ оформивме музичко студио кое подоцна истото го работев со Пеле Демиров за нешто подоцна да го работам сам. Работев и како растоварач, работев на безинска, во печатница на компјутер, за подоцна да ја оформам фирмата која и ден денес работам во неа. Сега имам своја компанија која работи во областа на ПВЦ и Алуминиум каде изработуваме панели и трговија со сите врсти на материјали за таа дејност“, вели Митров.

• Си работел и во музички студиа, со кој музичари сте соработувале како започна сето тоа?

„За прв пат кај нас во градот почнавме да снимаме со компјутер, т.е. дигитално. Претходно имаше студиа кои работеа аналогно. Започнавме со Горан најпрвин со во тогашно време на компјутерска техника која беше баук за нас, да работиш на тие слаби компјутери беше предизвик. За некој месец откога едвај го најдовме тој потребен хардвер и софтвер за таа намена, со голем ентузијазам и напорно учење на тие програми почнаа да излегуваат песни. Во почетокот тешко, за да подоцна го добиеш посакуваниот звук. Тогаш снимавме за Горан и Ленче, па пробавме со Пицикато, правевме реклами, па соработка и со нашиот (Бог да го прости) Љубе Челибиев на неговиот материјал, подоцна работев со Џамбо Агушев и првите негови албуми ги снимив со него, па со Пеле Демиров, па млади Асанови и уште многу наши музичари,а и неколку музички групи од соседните држави“, ни раскажува Митров.

• Колку песни имаш направено-снимено. Текстовите кој ги пишува, музиката…?

„Не знам точно, стотина, а можеби и повеќе. Текстовите за моите песни се мои,како и музиката. Видео записот на последниве песни ги направив аматерски, чисто да покрај звукот има и слика. Не ми е намерата професионално да го работам тоа, тоа го правам од чист ентузијазам“, кратко коментира Митров.

• Што понатаму со музиката ?

„Ќе видиме како сето тоа ќе се одвива. Правењето на песна не е толку едноставно, не е само да се направи песна, тоа треба најпрвин на мене да ми се допага, да ми звучи убаво. Ги слушам сега тие нови песни тие за мене нови звуци, малку ми е чуден тој начин на правење на денешната музика, тоа мешање на ориентал со поп, рап со фолк…, ама сепак колку и да мене лично не ми се допагата тоа е моментално во тренд. Па затоа и го почитувам, не мора да го сакам тој „жанр“. Ми треба време за да го „сварам“ тој нов тренд, па потоа да створам таква музика. Мислам дека припагам на таа генерација која музиката поинаку ја разбира“, вели Митров и за крајо од разговорот додава: „Да го вратиме времето на пријателство, дружење, спортување… Да ги вратиме вистинските вредности на животот, почитта спрема постарите, чесноста да биде доблест. Како општество ги изгубивме сите нормативи на човечноста. Младите живеат во свој затворен свет на онлајн реалност, а постарите се изгубени во трка за профит, омраза на различностите, политички ривалитет… Ни фали љубов, ни фали насмевка на лицето, ни фали одмор од моменталната реалност…“ завршува Митров во интервјуто за Струмица Сити.

Comments are closed.