Советот на општина Струмица, денеска, ја одржа 52-та и последна седница во овој состав

Денеска се одржа последната 52-ра седница на Советот на општина Струмица во мандатниот период 2017 -2021 година. По усвојувањето на двете точки на дневниот ред, односно, Извештајот за делување на улиците и локалните патишта во зимски услови за 2020/2021 и Програмата за делување во зимски услови во 2021/2022 година, на градоначалникот Коста Јаневски и советниците, им се обрати претседателот на Советот, Марјан Даскаловски.


„Од конституирањето на Советот на 24 октомври 2017 година, досега одржавме 52 редовни, една вонредна и 4 свечени седници, односно вкупно 57 седници на Советот на општина Струмица. Со денес донесениот заклучок и Програма за делување во зимски услови, вкупно во овој мандатен период се произнесовме по 1.415 точки, донесовме 449 одлуки, 95 решенија, 176 програми, 4 буџети, 36 други акти и 655 заклучоци за усвојување на програми за работа и извештаи за работата на училиштата, согласности на извештаите, програмите и одлуките на управните одбори на јавните претпријатија и други установи што се во надлежност на локалната самоуправа. Ако овие 1.415 точки, ги поделиме на 52 редовни седници што досега ги одржавме произлегува дека во просек сме расправале по над 27 точки по седница.“

„Тоа ми дава за право да кажам дека во овој мандатен период, Советот во соработка пред се со граѓаните, како и во соработка со градоначалникот и општинската администрација ги реализира своите надлежности пропишани со Законот за локална самоуправа, Статутот на општина Струмица и другите законски и подзаконски акти од надлежност на локалната самоуправа.


„Во овој мандатен период се донесени 4 буџети, 14 ребалански на буџети и 176 програми за реализација на превидените буџетски средства во областа на уредувањето на градежното земјиште, преку изградба, реконструкција и санација на улици и тротоари во скоро секој дел од градот и населените места во општината, изградба и реконструкција на водоводи, изградба на системи за одведување и прочистување на води, проширување, уредување и одржување на јавни паркови и зеленила, набавка на урбана опрема, крпење на ударни дупки, изградба, реконструкција и одржување на локални патишта и улици, изградба и одржување на јавното осветлување, донесување на детални урбанистички планови, урбанистичко плански документации, урбанистички проекти и слично.“


„Во овој мандатен период беа завршени и се предадоа во употреба низа капитални објекти меѓу кои:
-Прочистителната станица во Струмица
-Фекалните канализациски системи во Дабиле и Просениково
-Спортската сала во ОУ „Никола Вапцаров“ Струмица
-Детските градинки во Куклиш и Муртино.


„Воедно во тек на реализација се и капиталните проекти за замена и инсталација на ултрасонични водомери и интегрирање на водомерите со опрема за далечинско читање и за проширување на секундарна гасоводна дистрибутивна мрежа во Струмица. Сето тоа ми дава за право да констатирам дека Советот од конституирањето во овој состав до денес, успешно работеше во интерес на граѓаните на општината.

Им се заблагодарувам на членовите на Советот на општина Струмица, на Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, секретарот на општина Струмица, Александар Оџаков, општинската администрација, директорите на општинските јавни претпријатија, општинските установи и институции, за соработката во изминатите 4 години, за која сум уверен дека беше од интерес на граѓаните и придонесе за развојот на Општина Струмица.

Comments are closed.