
Денес на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски соопшти дека Костадин Костадинов ќе биде кандидат за градоначалник за општина Струмица.
Николовски вели дека актуелниот пратеник Костадинов ги знае состојбите во оваа општина и тој е еден од сигурните победници на локалните избори.
Својата политичка кариера Костадинов ја започнува како член на Советот на општина Струмица. За време на мандатот на Зоран Заев тој ја вршел и функцијата Заменик градоначалник на општина Струмица, а во декември 2016 година, десетина дена по парламентарните избори, Костадинов станува вршител на должноста градоначалник на општина Струмица откако Заев се повлекува од истата поради ангажирања во парламентот како и блиското добивање на мандат за формирање на нова македонска влада, а подоцна станува и премиер на Македонија. Ја врши должноста градоначалник сè до локалните избори во 2017 година и на 20 октомври функцијата ја презема победникот на изборите Коста Јаневски. Од ноември 2017 година Костадинов е пратеник во Собранието на Република Македонија на местото на Јаневски откатко со уште неколку пратеници им бил верифициран мандатот.
Костадин Костадинов е член на СДСМ. Тој активно се вклучува во партијата во 2011 година кога станува претседател на СДММ, младинската организација на СДСМ за Струмица и ја води истата сè до крајот на октомври 2018 година. Во периодот од април 2011 до март 2018 година бил член и на Извршниот одбор на СДСМ, а од април 2011 до април 2013 година и заменик-претседател на општинската организација на СДСМ во Струмица. Во март 2018 година е избран за член на Централниот одбор на СДСМ, а неколку месеци подоцна, во октомври, назначен е за нејзин портпарол.