Дали го знаете потеклото на името на селото Мокриево ?

Поглед кон Мокриево

Мокриево е село во Општина Ново Село, во областа Подгорје, во околината на градот Струмица. Мокриево се наоѓа во подножјето на планината Беласица, на надморска височина од 340 метри. Од најблискиот град Струмица е оддалечен 22 километри.

Постојат две верзии за потеклото на името Мокриево. Едната е дека потекнува од грчкиот збор „макро“, што значи големо или долго, а втората дека потекнува од зборот „мокро“, со значење место богато со вода.

Над селото се наоѓа разурната кула, која народот ја нарекува Пирго, сметајќи дека потекнува од времето на Цар Самуил и Беласичката битка од 29 јули 1014 година. Поради тоа, секоја година на 10 август (29 јули според стариот календар), сите жители се искачуваат на Пирго, каде што се наоѓаат и трите стари јавори (еден од јаворите неодамна бил исечен) од времето на битката.

Кула Пирго

Селото првпат е споменато во повелбите на браќата Јован Драгаш и Константин Дејановиќ и нивната мајка Евдокија од 1376 и 1377 година, кога било подарено на светогорскиот манастир „Свети Панталејмон“.

По крајот на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Царство Бугарија. По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС, заедно со Струмичкиот регион, додека по крајот на Втората светска војна, во рамките на СФРЈ. По распаѓањето на СФРЈ, селото формално било вклучено во составот на Република Македонија. Според територијалната организација на Република Македонија, селото припаѓа на Општина Ново Село.

Стариот јавор на Пирго

Во почетокот на XX век, селото било со мешано население. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ во 1873 година,Макриево е наведено како село со 60 домаќинства и 198 жители Македонци и 36 Турци. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мокриево живееле 1.880 жители, од кои 980 Турци и 900 Македонци.

Селото било под влијание на Цариградската патријаршија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живеале 784 Македонци, патријаршисти и функционирало грчко училиште.

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 1.211 жители. Следува табела на националната структура на населението.

Црква „Св. Пантелејмон“

Во 1870 година, основано е првото училиште во селото. Во почетокот на XX век, постоеле две училишта: патријаршиско (грчко) и егзархиско (бугарско). Денес во селото функционира четиригодишно училиште ОУ „Видое Подгорец“, во склоп на ОУ „Видое Подгорец“ од Колешино.

Мокриево има сопствена пошта, здравствена станица, ветеринарни станици, матично одделение, месна заедница, дом за разонода формиран од луѓето кои се иселиле во странство.

Селската црква „Свети Пантелејмон“ била изградена во 1870 година. Тоа може да се заклучи од натписот на дарителите. Таа била зографисана во 1874 година, од страна на Андон Петров од селото Гари, Дебарско.

Кон крајот на XIX век, била откриена стара црква и голема камена плоча на старословенски јазик, која била уништена. Во непосредна близина на селото се наоѓа средновековната кула Пирго.

Селската слава се одбележува на 9 август. На 13 и 14 јануари редовно се одржуваат Страчинарските игри, кои се всушност василичарски карневал.

Comments are closed.