
Беласица утре ќе одигра уште еден контролен натпревар против екипата на Силекс во Кратово. Новата сезона од Втората лига – Исток и Запад ќе започне на 21. август, а денешната ждрепка со која требаше да биде утврден распоредот, како и да биде дознаен противникот за Беласица и Силекс во првото коло се одложува поради технички причини информираа од Фудбалската федерација на Македонија.
Беласица минатата сезона беше дел од Првата лига, како и Силекс, меѓутоа двете екипи испаднаа и во новата сезона ќе бидат дел од второлигашкото друштво, Беласица во Исток, додека пак Силекс во Запад.
Во новата сезона од Втората лига – Исток, Беласица ќе влезе како прв фаворит за враќање кон Првата лига, а на патот кон таа цел најсериозен противник ќе биде прилепска Победа, која ќе има мотив плус бидејќи во новата сезона се враќа на Градскиот стадион во Прилеп.