
Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски вечерва ја отвори Меѓународната струмичка ликовна колонија која годинава го доживува своето 58-мо издание.
„Вечерва ја имав честа да ја отворам Меѓународната струмичка ликовна колонија која годинава го доживува своето 58-мо издание. Од денес па се до 15. август, учесниците на колонијата ќе имаат можност да го покажат на дело својот творечки сензибилитет, но и да се дружат, а гостите од другите градови и земји да ги запознаат инспиративните убавини на Струмица и нејзината околина. Тие прекрасни можности ќе ги имаат 17 – те ликовни творци од Украина, Србија, Бугарија и Северна Македонија, кои поаѓајќи од мудрата мисла дека „уметноста нема татковина“ ќе се обидат на најдобар можен начин да покажат дека се разбираат со универзалниот јазик на уметноста. Убеден сум дека нивниот творечки ангажман ќе го потврди високото реноме на „Меѓународната струмичка ликовна колонија“ како една од најдобрите и најрепрезентативните културни содржини во Струмица, но и во севкупниот културен живот во нашава татковина“, вели Јаневски.




