Дали ги знаете трите легенди за името на село Добрејци ?

Во рамничарскиот дел на плодородната Струмичка Котлина, во непосредна близина на градот Струмица, е распослано селото Добрејци.

Порано селото имало друга местоположба и се наоѓало во месноста Тилци меѓу селата Водоча и Вељуса. Таму имало чешма која што месното население ја викало „Добрејцка чешма”. Бидејќи селото било изложено на силно сонце, имало многу змии и мравки. Затоа населбата ја нарекле „Змијарево”.

Од месноста Тилци подоцна селото било преместено во полето, во месноста Црнелка. Но, поради пројавената чума кај населението, тие биле приморани да се преселат на денешното место. Тука им било добро, па, затоа на свој јазик кога се сместиле рекле „Добрејци” (во значење на: „добро е”). Овој збор честопати бил изговаран и затоа е земен како име за селото.

Има и друга легенда за името на селото. Имено, од добрината на луѓето, поради тоа што живееле во слога и мир, потекнува и името на денешно Добрејци.

Има и друга, трета верзија, според која името на селото се претпоставува дека е образувано од машкото лично име „Добре” и од суфиксот „јци”– Добрејци.

Без разлика во која легенда за настанување на името да верувате, село Добрејци е едно од најубавите струмички села кое вреди да го посетите.

Comments are closed.