Џио Струмица старо нов шампион на Македонија

Одбојкарите на Џио Струмица ја продолжија доминацијата во македонската одбојка откако ја освоија шампионската титула и во сезоната 2020/21. Во вториот натпревар од финалето на Првата лига, тие го совладаа Универзитет во Тетово со 3:1 (25:21, 25:18, 20:25 25:15) и со 3-0 во победи ја затворија серијата во којашто влегоа со почетна предност од 1-0 заработена поради тоа што беа победничка екипа од полуфиналната двојка 1-4.

За разлика од натпреварот во петокот во Тетово, Џио Струмица денеска почна со видлива решителност да ја заврши работата и на домашен терен во салата „Парк“ осмипат да се качи на шампиониот трон. Два од четирите сета минаа во целосна доминација на струмичани кои го прославија 16.пехар во клупските витрини. Од 2021 досега, во седум од вкупно деветте сезони Џио Струмица ја заработи двојната круна како што беше и во оваа сезона. Универзитет го одигра првото лигашко финале, вкупно трето сметајќи го и купот, но се уште нема сили да ја запре неприкосновеноста на ривалот којшто беше подобар во сите три финални соочувања (две во купот и едно во првенството).

На вечерашниот натпревар најефикасен беше Марјан Урдов со 17 поени, два помалку забележа Владо Милев, двоцифрен беше и Ристо Николов со 13, а за составот на Џио Струмица Славе Наков придонесе со 9, Васе Михаилов со 8 и Ефтим Ричлиев со 5. Кај Универзитет во Тетово Јовица Симовски имаше 16, Ристо Клопчевски 13, Мирковиќ 12, Бериша 10, а Ѓоргески 2 поена.

Во Струмица денеска заврши 28.сезона во македонската клупска одбојка, а по неа ќе почне репрезентативниот период со настап на црвено-жолтиот национален тим во Европската сребрена лига во мај и во јуни, а потоа и на Европското првенство во септември, второ во историјата на македонската селекција.

Comments are closed.