Турново преку Крстев ја прегази Брегалница која доби „петарда“

Хоризонт Турново без никакви проблеми, низ тотална доминација на теренот стигна до нова убедлива победа над Брегалница од Делчево со високи 5:1 во рамки на 16. коло од Третата лига – Исток.

Гостинската екипа немаше никакви сили да го запре налетот на расположените Турновци на патот кон атак на првото место и единствениот гол го постигна од пенал. Резултатот беше отворен уште во 4. минута со гол на Крстев Васил за водство на домаќините од 1:0. Во 16. минута Крстев со втор гол ја стресе мрежата на Димовски за 2:0 на полувреме.

Во вториот дел Амедов Таџедин постигна гол за 3:0 во 54. минута. Судијата Костовски во 83. минута покажа на белата точка за Брегалница, одговорноста ја презеде Пешовски Дарко и намали на 3:1. Само две минути игра беа потребни за Крстев да стигна до хет-трик, а водството на Турново се зголеми на високи 4:1. Во 88. минута Глигоров Драги ги постави конечните 5:1.

Во следното коло Турново ќе игра дерби против Овче Поле во Свети Николе кое доколку го доби ќе го очекува директен дуел со Детонит за прво место, а со тоа и враќање во Втората лига – Исток.

Comments are closed.