Академија Пандев одиграа одлично и дојдe до голема победа над Работнички

Академија Пандев го запре Работнички кој имаше добра серија резултати, откако со 0:2 „пандевци“ дојдоа до голема победа на гостувањето во Скопје во натпревар од 23. коло од Првата македонска фудбалска лига.

„Пандевци“ истрчаа без тренер на клупата, бидејќи Александар Васоски е позитивен на Ковид-19, но тоа не беше пречка за да одиграат одлично и да дојдат до голема победа над „романтичарите“ на Националната арена „Тодор Проески“.

Гостите од Струмица рано го отворија резултатот, откако Крстовски Марио во 11. минута ја погоди мрежата на „романтичарите“ за 0:1. Работнички имаше одлични шанси за гол, но мрежата на „пандевци“ остана чиста. Пред крајот на првиот дел од натпреварот во Скопје, Качевски досуди пенал за „романтичарите“, а одговорноста ја презеде Прелчец, кој шутираше во страната каде што се одлучи Јовановски да интервенира, и најголемата шанса за израмнување пропадна.

„Пандевци“ стартуваа одлично и во вториот дел, го наметнуваат темпото и имаа шанси за втор гол. Со сериозни шанси за израмнување во вториот дел беше и Работнички, но промени на резултатот немаше се до 77. минута, кога нововлезениот Велиновски Кристијан погоди за конечните 0:2.

Академија Пандев направи скок од две места и сега е на деветтото место на табелата со 25 освоени бодови, додека Работнички останува на петтото место на табелата со 32 бодови.

Колото ќе биде комплетирано утре кога ќе бидат одиграни останатите пет натпревари.

Comments are closed.