Струмичко дерби: Беласица против Академија Пандев

Во недела се игра струмичкото дерби меѓу Беласица и Академија Пандев, во натпревар од 22. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Двете екипи водат борба за сигурен опстанок во македонската елита. Академија Пандев во минатото коло запиша победа над Македонија ЃП на домашен терен, тоа беше и деби-триумф за новиот тренер Александар Васоски со што „пандевци“ имаат негатива од само четири бодови во однос на местото над опасната зона, односно осмата позиција. Академија Пандев е значително засилена и со искусниот стратег Васоски ќе важат за фаворити на дуелот на „Благој Истатов“.

Од друга страна, Беласица иако засилена сепак не тргна според очекуваното и тренерот Ѓоре Јовановски во средата после поразот од Борец во Велес си поднесе оставка и клубот остана без тренер, што ќе биде голема предност на разиграните „пандевци“.

Академија Пандев со победа и нови три бодови ќе направи голем чекор за излез од опасната зона на табелата, додека пак Беласица се надева на позитивен исход на натпреварот со цел да остане со надеж дека би можела да игра бараж за опстанок, доколу не дојде до место за сигурен опстанок што ќе биде многу тешко.

Првото соочување во тековната сезона припадна на Беласица, која на СЦ „Пандев“ со 1:2 беше подобра, а во однос на меѓусебните дуели кој што се вкупно пет, „пандевци“ славеа на пет, додека фудбалерите на Беласица на два натпревари.

Главен судија на натпреварот ќе биде Ѓоргиев Крумислав од Штип, додека негови помошници ќе бидат Путилин Бранко и Димитријевиќ Дејан од Скопје. За четврт судија е делегиран Иванов Никола од Велес. Делегат на натпреварот ќе биде Зеќировиќ Адмир од Скопје, а контролор Манојлоски Бранко од Тетово.

Струмичкото дерби ќе започне во 14:00 часот и ќе биде одиграно без присуство на публика, согласно мерките и препораките за заштита од Ковид-19.

Comments are closed.