Ѓоре Јовановски си замина, Беласица остана без тренер

Струмичкиот прволигаш Беласица влегува во уште поголеми проблеми во борбата за опстанок, откако по денешниот пораз од Борец со 2:1 Ѓоре Јовановски си поднесе оставка и си замина.

Искусниот стратег во Струмица дојде пред два месеци и веруваше дека Беласица може да опстане во елитата. Под негово водство клубот имаше една победа над Ренова во Тетово од 2:4, потоа пораз од Струга Трим Лум на домашен терен со 1:2 и пораз на гостински терен од Борец со 2:1.

Јовановски ангажираше неколку засилувања со кои атакуваше на борба за опстанок, но соработката траеше само два месеци.

Клубот ќе го бара својот четврти тренер сезонава кој ќе има тешка задача за да избори опстанок, бидејќи шансите се намалуваат. Беласица сезоната ја стартуваше со младиот тренер Ване Милков кој си поднесе оставка и на негово место дојде Шефки Арифовски кој го водеше клубот до крајот на есенската полусезона. Јовановски како тренер ја предводеше Беласица на три натпревари во рамки на ПМФЛ.

Кој ќе биде следен тренер останува да видиме, но дефинитивно ќе има тешка задача во борбата за опстанок на Беласица во елитата.

Инаку, Беласица после долги години во сезона 2018/2019 се врати во Првата лига, но по само една сезона како претпосладна испадна во ВМФЛ – Исток и по една сезоната помината во Втората лига – Исток, повторно успеа да се врати во Првата лига.

Comments are closed.