Струмица беше домаќин на средбата за унапредување на средното стручно образование, а во рамките на заложбите на Министерството за образование и наука за спроведување реформа на средното стручно образование.
На средбата којашто се одржа во домот на АРМ присуствуваа градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерката за образование и наука Мила Царовска, амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тахада, директори на средните стручни училишта, претставници на Стопанската комора и бизнис секторот.



-Имајќи го во предвид фактот дека таа реформа има за цел – креирање квалификуван и стручен кадар по мерка на компаниите и задоволување на потребите на пазарот на трудот, ваквиот крупен чекор на Владата и ресорното министерство заслужува внимание, почит и поддршка од сите чинители на нашата заедница и општество. Имплементирањето на реформата овозможува повеќеслојни бенефити, како за подобрување на квалитетот и соодветноста на средното стручно образование, така и за задоволување на потребите на компаниите од кадар кој би бил компатибилен со нивните дејности, рече градоначалникот Јаневски во обраќањето на средбата.