Академија Пандев запиша победа од 3:2 над Пелистер и се „одмазди“ за поразот од првото коло. Во мечот од 12. коло беа досудени дури три пенали, два за гостите од Битола и еден за домаќините. Даниел Миловановиќ со ефективен гол ја стресе мрежата на битолчани за 1:0. Радоста на домашните фудбалери траеше кратко, по досудениот пенал за Пелистер, Валентин Кочоски успешно го реализираше за 1:1. Во 40. минута од натпреварот по автоголот на Христијан Драгарски, Академија Пандев повторно дојде до водство од 2:1.
Во вториот дел од натпреварот Пелистер израмни на 2:2, откако беше досуден повторно пенал за гостите, а Кочоски успешно го реализираше. Во 87. минута по досудениот пенал за домаќините, Радески беше сигурен од белата точка и ги постави конечните 3:2.
„Пандевци“ се искачија едно место погоре на табелата, сега со 10 бодови се на десетото место, додека Пелистер со два бодови повеќе е на деветото место на табелата.
Во следното коло Академија Пандев ќе има тешко гостување кај Вардар, додека Пелистер во Битола го чека Силекс, екипи кои се влезени во резултатска криза.
