Викендот се одигра 7. коло од Првата македонска фудбалска лига. Академија Пандев дојде до втора сезонска победа, откако во Струмица на „Благој Истатов“ со минимални 1:0 славеше над кратовски Силекс. Беласица го впиша седмиот сезонски пораз, откако на гостувањето во Скопје загуби од шампионот Вардар со 3:1 и останува и понатаму единствената екипа во ПМФЛ која нема се уште освоени бодови во новата сезона.
Шкендија го доби дербито во Битола, откако со 1:3 славеше над Пелистер, а Ренова во Тетово загуби со 1:3 од Македонија ЃП. Шкупи загуби на гостувањето во Струга, од екипата на Струга Трим Лум, а во Велес, Борец и Работнички ремизираа без голови.
Во однос на табелата, Шкендија е лидер со 17 бодови и има четири бода предност пред второпласираниот Шкупи кој има 13 бодови, а исто толку бодови има и Македонија ЃП која е трета. Борец е четврти со 12 бодови, а Струга со бод помалку е на петтото место. По десет бодови имаат шесттопласираниот Силекс, седмопласираниот Работнички и осмопласираниот Вардар. Битолски Пелистер со девет бодови е на деветтата позиција, а три бода помалку има Академија Пандев која е десетта на табелата. Пет бода има Ренова која сега е на претпоследното место на табелата, а на последното место е Беласица, која и понатаму е без освоени бодови.
Во однос на следното коло, Беласица дома ќе игра со Ренова, каде ќе има можност за нова шанса за први сезонски бодови, Академија Пандев ќе гостува кај Работнички, а Македонија ЃП дома ја чека Струга. Во Тетово гостува Силекс каде ќе се соочи со лидерот Шкендија, Шкупи на „Чаир“ го чека Борец, а во Битола, Пелистер ќе го пречека актуелниот првак Вардар.