За проширувањето на ПМФЛ и ВМФЛ, следната недела официјални одлуки

Првата македонска фудбалска лига продолжува средината на Јуни, откако прволигашите се одлучија за второто сценарио предложено од ФФМ, а тоа е доигрување на сезоната преку плеј-оф и плеј-аут, без испаѓање.

ФОТО: Струмица Сити

ФОТО: Струмица Сити

„Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по завршувањето од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последнопласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по завршувањето од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања“

Тоа значи дека следната сезона овие 10 екипи повторно ќе бидат дел од елитното друштво. Но, сега се отвара друго прашање, проширување на лигата. Околу оваа, ќе се одлучува во следните денови. Првата лига ќе се проширува на 12 екипи, а тоа значи дека Беласица како првопласирана од Втората лига – Исток, и Пелистер како првопласирана екипа од Запад, во следната сезона ќе бидат дел од Прва лига.

Но, проширувањето не запира овде. Според одредени неофицијални информации, Првата лига би можела да се продолжи на 14 екипи, односно место во Првата лига би добиле двете второпласирани екипи од Втора лига – Исток и Запад, екипите кои требаше да го играат баражот за влез во Прва лига, Брегалница од Исток и Скопје од Запад.

Дел од третолигашите побараа да има проширување и на Вторите лиги, што значи дека покрај првопласираните екипи од сите Трети лиги кои ќе имаат место во Втора лига, да влезат и второпласираните екипи од Третите лиги во Втората лига Исток и Запад. Што значи дека двете Втори лиги следната сезона би требало да бројат по 12 екипи.

Останува да почекаме уште неколку дена, додека ФФМ излезе со официјални информации и одлуки околу проширувањата на Првата лига и на Втората лига – Исток и Запад.

Следната сезона Струмица и струмичани повторно ќе гледаат градско прволигашко дерби, меѓу Беласица и Академија Пандев.

Comments are closed.