Каква одлука ќе донесе ФФМ ? Дали ќе биде продолжена сезоната или истата ќе биде прекината ?

Во понеделник ФФМ ќе треба да донесе одлука за тековната сезона, дали истата ќе биде продолжена или не ? Но, во случај сезоната да биде прекината, тогаш се отвараат други прашања.

ФОТО: Струмица Сити

ФОТО: Струмица Сити

Првопласираните екипи во Втората лига – Исток и Запад, Беласица и Пелистер, истакнаа дека нивните амбиции од стартот се директен влез во Прва лига, и таквиот став го имаат и во моментот. Екипите сакаат на терен да изборат пласман во ПМФЛ, но во случај да сезоната биде прекината, од Беласица истакнаа дека е потребно да се донесе фер и коректна одлука за сите екипи.

Шефот на стручниот штаб на Брегалница, Добринко Илиевски нагласува дека мора биде донесена принципиелна одлука за доброто на фудбалот со која ќе им се овозможи на сите оние кои инвестираат во фудбалската игра да го продолжат тоа во лигата која ја заслужуваат.

Брегалница пред прекинот на шампионатот е на второто место на табелата во Втората лига – Исток, позиција која согласно регулативите носи бараж за место во прволигашкото друштво. Според Илиевски, најчесна одлука во овој момент, доколку не продолжува првенството, е за следната сезоната Првата лига да брои 14 или 16 екипи.

„Aко се погледне моменталната табела во Првата лига, екипите на Струга Трим Љум и Борец треба да испаднат, а Академија Пандев да игра бараж за опстанок со можност и таа да испадне. Јас лично не би сакал Првата лига да остане без овие три тима затоа што имаат добри спонзори, имаат квалитетни играчи и тренерски штабови и на крај свои симпатизери кои сакаат да ги гледаат во највисок ранг на натпреварување. Во иста положба можеше лесно да се најдат и Работнички и Македонија ЃП, па и Шкупи. Се се тоа клубови на кои местото им е во Првата лига. Минатата година испадна Беласица со многу потрошени пари, со квалитетни домашни и странски играчи и тренери. Силекс играше бараж со неофицијално потрошени 600.000 евра, беше на чекор од испаѓање од лигата, за да оваа година сега е второпласирана екипа.

Во една лига од 14 или 16 тима сите овие клубови би биле константни членови на Првата лига, нешто кое и го заслужуваат. Да не зборуваме за рускиот рулет кај тренерите. Првите четири кола во пролетниот дел тројца тренери поднесоа оставка или беа сменети што покажува колку е стресна лигата и што преживуваме ние кои сме на  клупата. Лигата од 10 клуба ќе ги дадеше своите бенифити ако имаше повеќе спонзори кои се подготвени да потрошат по 5-6 милиони евра годишно (како Шкендија и Вардар пред неколку години). Само во еден таков случај би можело да зборуваме за некоја Супер-лига. Во сегашната констелација треба да се даде можност сите кои се подготвени да финансираат во фудбалот да си го најдат местото и да бидат мотивирани да вложуваат во лига во која имаат интерес. Во спротивно ги губиме и онака малкуте вистински спонзори. Мислам дека ако сега не се зголеми лигата сите кои се за таква одлука а се директно инволвирани во фудбалот сами си ја сечат гранката на која седат“, смета Илиевски.

Шефот на стручниот штаб на Брегалница, Добринко Илиевски повикува на принципиелност, затоа што ако се дозволи и на осмопласираната екипа од Првата лига да остане во елитата, догаш чесно и двете второпласирани екипи од Вторите лиги да влезат во прволигашкото друштво.

„Одлуката треба да биде принципиелна. Или да се доиграат натпреварите во Првата и Втората лига и на терен да се добијат учесниците во нив, или ако нема услови и не е безбедно, а не се прифати предлогот да се зголемат лигите, тогаш треба да испаднат двете последнопласирани а осмопласираната екипа од Првата лига да игра бараж со второпласираните од Вторите лиги. А, доколку се донесе одлука да нема испаѓање тогаш мора и екипите кои се во моментот на првите две места во двете втори лиги да одат во повисоко натпреварување затоа што се на позиции кои даваат можност за влез во Првата лига, и не би смеело нивните вложувања како финансиски така и на зелениот терен да се поништат.

Принципиелно е, ако на осмиот во Првата лига му се даде можност да остане во лигата, тогаш и двете второпласирани од вторите лиги да влезат во Првата лига, затоа што се на позиција која ја обезбедиле со многу труд на теренот и им овозможува играње бараж. Не смее тој факт да се игнорира во никој случај. Повторувам, јас сум за лига од 14 екипи, па дури и за 16, во која би влегле и екипите на Тиквеш и Лабуништа кои лани играа бараж за влез во Прва лига и кои навистина сериозно и упорно се борат да влезат во најсилното друштво, вложувајќи средства и напори за развој на македонскиот фудбал. Со тоа би се дала и можност екипи како Осогово, Победа, Саса, Плачковица, Охрид итн., фудбалски центри кои имаат солидни спонзори и кои сакаат да вложуваат моментално во Втората лига, да останат во неа и да се мотивираат да продолжат со финансирање во новонастанатата ситуација. Не треба да заборавиме дека е вонредна ситуацијата и дека треба да се носат вонредни и стратешки одлуки за доброто на фудбалот и за негово спасување, со давање можност на секој што сака да инвестира, тоа да го направи во лига во која е конкурентен со средствата кои е подготвен да ги издвои“, заврши искусниот тренер.

Според одредени неофицијални информации кои што кружат низ фудбалските кругови, сезоната најверојатно би била прекината, односно истата нема да продолжи. Во тој случај, според овие шпекулации, во Првата лига Вардар ќе биде шампион, а испаѓање ќе нема. Лигата би била проширена на 12 екипи, односно Беласица и Пелистер би се вратиле во ПМФЛ.  Според тренерот на Брегалница, кој вели дека е за лига од 14 екипи, во тој случај Брегалница и Скопје би биле во Првата лига, а тој исто така додава и дека е за лига и со 16 екипи, во тој случај би влегле и екипите на Тиквеш и Лабуништа.

Сепак, ова се шпекулации кои што кружат низ фудбалските кругови, а официјално што и како ќе биде со тековната сезона ќе се дознаеоткако ФФМ ќе донесе конечен став и одлука.

 

 

Comments are closed.