Ване Милков: Здравјето во моментот е на прво место, верувам дека првенствата ќе се доиграат

Младот стратег на Беласица, Ване Милков, во изјава за Струмица Сити, вели дека здравјето во моментот е на првото место, но верува дека фудбалските федерации ќе бидат доследни на одлуката и препораката на УЕФА првенствата да се доиграт.

Ване Милков, тренер на Беласица

„Па како што сите знаеме, лоша е ситуацијата со пандемијата во целиот свет. Ретко кој сектор функционира, но мораме да го прифатиме тоа, да бидеме дисциплинирани и да се придржуваме кон препораките и мерките за претпазливост. Здравјето во моментот е на прво место.

Што се однесува до фудбалот воопшто, фудбалските федерации верувам дека ќе бидат доследни на одлуката и препораката на УЕФА првенствата да се доиграт, па така ќе биде и кај нас. Очекувам некаде во средината на јуни првенството да продолжи. Се надевам дека во најскоро време и ФФМ ќе излезе со официјален став околу сето тоа. Но сепак на прво место е здравјето на фудбалерите.“

Милков вели дека фудбалерите во моментот работат индивидуално по програма, но сепак голема е разликата на колективниот тренинг во однос на индивидуалниот.

Во моментот нашите фудбалери работат индивидуално по програма, иако условите за изработка во целост на истата во минатиот период беа отежнати, земајќи ги во предвид дозволите за движење на отворено во текот на неделата и за време на викендите. Па приморани сме да се прилагодиме. Како и да е индивидуалната подговотовка не е доволна, па се надевам дека нашата федерација ќе даде најмалку 3 недели простор за подготовка на тимотивите пред „рестартот“ на првенството. Сепак голема е разликата на колективниот тренинг во однос на индивидуалниот. Пред се овде мислам на специфичните фудбалски движења со и без топка, како и на фудбалските ситуациони вежби.

Беласица по „рестартот“ на Втората лига – Исток, ќе има два тешки натпревари. Гостување во Штип против Брегалница и дома со Тиквеш од Кавадарци.

„На самиот „рестарт“ на првенството не очекуваат два натпревари, и тоа со директните конкуренти за пласман во ПМФЛ, но како што спомнав погоре, сметам дека федерацијата ќе даде доволно време за подготовка на екипите, па ќе имаме и простор да одиграме барем 1 или 2 контролни натпревари доколку превентивните мерки го дозволат тоа, се со цел да ја темпираме формата за продолжување на првенството“ вели Милков.

 По 16. одиграни кола во Втората лига – Исток, Беласица е лидер на табелата со 40 бодови, три повеќе од Брегалница која е на второто место на табелата. Тиквеш и Кит Го со по 31 бод, се наоѓаат на третото, односно четвртото место.

Comments are closed.