Последното населено место од синџирот подгорски села во Струмичката котлина е селото Старо Коњарево, лоцирано во непосредна близина на македонско-бугарската државна граница.
Името на денешното село, според една постара легенда, е изведено од зборовите „КОЊ” и „РЕВ”, со значење „коњско ревање”. Легендата кажува дека на просторот на село Коњарево и пошироко во Кључката Клисура, на 29 јули 1014 година била разбиена војската на македонскиот цар Самоил во битка против визнатискиот император Василиј Втори. Коњите, по загинувањето на македонските борци, останувајќи без своите стопани, почнале тажно да реват (коњски рев, односно коња – рев). Па, според ревот на коњите, селото е наречено „Коњарево”. По основањето на Ново Коњарево, ова село е преименувано во Старо Коњарево.
Селото има старо потекло. На неговиот простор, по извршените археолошки истражувања, откриена е праисториска населба од неолитско време.
Во селото има пет археолошки локалитети:
- „Голема Трпеза” – населба од неолитско време
- „Градиште” – населба од доцноантичко време
- „Кале” – бедем од доцноантичко време
- „Соколче” – населба од доцноантичко време
- „Средсело ” – некропола од римско време