Се наближува големиот православен христијански празник Велигден и во Струмица секоја година се слави Христовото воскресение. . А како и секогаш – на денот недела.
Струмичани се обединуваат во кругот на своите семејства и пријатели, придружувајќи се кон активностите и традициите на Велигденските празници. Како што е редот и адетот, вредните струмички домаќинки стануваат во раните часови на Велики Четврток и ги бојадисуваат (вапцат) првите Велигденски јајца. Тие се задолжително во црвена боја зашто симболично ја означуваат Христовата крв и подоцна, со првото вапцено јајце и со гранче од растението Здравец се милуваат лицата на најмилите со зборовите: ,,Црвено, бело – здраво и весело!”
По Велики Четврток (кога Исус бил фатен), следува Велики Петок и тој ден е строг пост (Исус бил распнат на Велики Петок). Вечерта на Велика Сабота (денот кога Исус го напуштил земниот живот) граѓаните итаат кон христијанските храмови на Велигденска литургија. Со себе носат јајца кои, во ова помодерно време, се со најразлични бои и украси – како мали уметнички дела преку кои Струмичанките ја искажале својата креативност. Граѓаните со себе носат и свеќи кои ги палат за Христовото воскресение, или, поточно кажано, палењето на свеќите е симбол на ширењето на Исусовата светлина која никогаш не гасне. И кога црковните ѕвона ќе означат полноќ, се пуштаат гулаби во лет и сите се поздравуваат со зборовите: ,,Христос воскресе – навистина воскресе!” Капањето со јајца започнува овде и сега и се верува дека оној што ќе остане со последното здраво јајце ќе го прати среќа. Потоа, верниците кои постеле се причестуваат, а запалените свеќи се носат дома и на тој начин Исус симболично влегува во домовите.
Недела – Велигден – Исус Христос ја победува смртта и воскреснува и поздравот ,,Христос воскресе – навистина воскресе” продолжува и следните денови. Овој ден е резервиран за посети на роднините и прошетки со пријателите. Сите се во духот на Велигден расположени; дури и излозите на струмичките дуќани се велигденски декорирани. Во домовите се сервира богата велигденска трпеза: сармичка од штавељ, плетени погачи, Велигденски јајца, разни салати и друго, а се јаде и готвено јагнешко месо. Раните Христијани го поврзувале жртвувањето на јагнето со жртвувањето на Исус Христос на Крстот па оттука латинското ,,Agnus Dei” – Јагне Господово. А што значи поминувањето под ,,гробот на Исус Христос”? Црквите поставуваат маси кои го симболизираат гробот на Исус и секој што минува под нив влегува како грешник, а излегува како очистен од гревовите. Велигден е можеби и најважниот православен верски празник затоа што им влева надеж на верниците дека нивните гревови ќе им бидат простени и тие ќе доживеат духовна преродба.