Нови 18 случаи на коронавирус во земјата

➡️ Во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи на коронавирус во земјата, по градови: Скопје 11, Прилеп 4, Куманово 2, Тетово 1. Со ова, вкупната бројка дијагностицирани во нашата земја изнесува 219 лица.19032020_VRSM_Filipce_pres

➡️ Бројките се апсолутно точни, не може да биде поинаку. Тие бројки ги споделуваме и со официјалните претставници на Светската здравствена организација и тука простор за манипулација нема, ниту ќе има, а нема ниту од страна на ниедна земја којашто комуницира со СЗО.

➡️ Во овој момент е добро што имаме линеарно зголемување на случаите, приближно ист број секој ден, а не експоненцијално. Здравствениот систем е подготвен да прифати и да третира пациенти, дури и да има ваков раст.

➡️ На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани 41 пациент. Од нив, седум се во потешка здравствена состојба, но тие се респираторно независни, не им е потребна помош од респиратор, односно интубација, механичка вентилација, додека 27 се средно тешки пациенти, и седум пациенти се со поблаги симптоми. Стабилна е и состојбата на пациентите во Штип.

➡️ Имавме случај на Клиниката за кардиологија, еден од членовите на резервниот тим практично на работа пројавил симптоми. Оваа случка е во делот на ангио-салата, каде што нема лежечки пациенти туку пациенти доаѓаат само за интервенција на срцето. Во тој дел лекарите во однос на контактот кон пациентите се целосно заштитени, заради тоа што е таква технологијата на работа, но сакам јасно да кажам дека некој кој се појавил на работно место свесен дека и претходно има симптоми, да тука ќе следат санкции.

➡️ Тестовите за коронавирус за граѓаните, за пациентите во Институтот за јавно здравје, земените брисеви од Центрите за јавно здравје се бесплатни и никој досега не платил за правење ваков тест

➡️ Добиена е донација од три илјади маски во текот на вчерашниот ден – денеска уште три илјади платнени и хируршки маски кои ќе им бидат поделени на матичните лекари, кои се целосно вклучени во системот на детекција при прегледи и закажување на пациентите.

➡️ На почетокот и во текот на следната недела, се очекува поставување т.н мобилна болница, на просторот до Клиниката за инфективни болести. Тука ќе бидат поставени објекти во кои ќе се сместат близу 130 кревети, со што капацитетот на Клиниката за инфективни болести практично се дуплира – со соодветни тоалети, суви ходници, со коишто ќе се комуницира со самата клиника, заради тоа што сметаме дека е добро да се надополни капацитетот таму каде што е всушност екпертизата.

➡️ Здравствените работници се целосно мобилизирани и се подготвени капацитетите. Имаме и излекувани пациенти, така што ние сме во ситуација да се амортизира приемот на пациенти. Соодветно се третираат, терапија е веќе аплицирана – таа што ја најавивме кај сите пациенти на клиниката кај којашто е индицирана, согласно анализите од електрокардиографијата, така што сосем добро и стручно се справуваат колегите во сите јавноздравствени институции. – пишува на ФБ објавата на страницата на Венко Филипче, министер за здравство во РСМ.

Comments are closed.