Македонската одбојкарска репрезентација првпат ќе игра во елитното европско натпреварување. Настапите во групата фаза од Златната Европската лига ќе ги почне против Чешка на домашен терен на 23/24 мај 2020 година. Потоа силите ќе ги одмери со Турција и Португалија.
Завршниот турнир на четирите најдобри ќе биде одигран на 20 и 21 јуни, а домаќин ќе биде Белгија. Финалистите ќе обезбедат пласман во ФИВБ Челенџер купот и ќе имаат шанса да се борат за настап во Лигата на нации во 2021.
Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓорѓиев, за дуелите со Чешка, Турција и Португалија рече:
„Ова е тешка група, но на ова ниво лесна воопшто нема. Ние сме во кремот на одбојката и тоа е местото каде што заслужуваме да бидеме. Добро е во првиот натпревар ќе бидеме домаќини, ако успееме да победиме, тоа би бил одличен почеток. Секако дека ние не сме фаворити за влез на завршниот турнир, сепак ова не е како во сребрената лига, но имаме екипа којашто што може да направи нова историја доколку сме здрави сите. Португалија е домаќин на Челенџер купот, па прочитав дека селекторот ќе ја искористи Европската златна лига за да ги провери сите играчи, мојот техничар во Фридрихсхафен е капитен на Чешка, па ќе се обидам да соберам некоја информација и од него, а Турците ги знаеме и се надевам дека ќе им се реваншираме за поразот на Европското првенство. Мојот сон е три победи дома и една или две на гости, а тоа значи пласман на завршниот турнир. Само да сме здрави”.
Распоред на натпреварите за Европската златна лига 2020:
1. коло – 23/24.5.2020: Македонија – Чешка
2. коло – 27.05.2020: Турција – Македонија
3. коло – 30/31.05.2020: Португалија – Македонија
4. коло – 06/07.06.2020 Македонија – Португалија
5. коло – 10.06.2020 Македонија – Турција
6. коло – 13/14.06 2020 Чешка – Македонија