Викендот ќе се одигра 7. коло од Првата македонска фудбалска лига. Академија Пандев во оваа коло ќе биде домаќин на екипата на Шкупи од Чаир.
„Пандевци“ минатото коло одиграа нерешено (0:0) во Струга, против Струга Трим Лум, и останаа лидери на табелата. Чаирчани минатото коло беа поразени од Вардар на домашен терен со резултат од 1:2 и во моментот се на четвртото место на табелата со 8 освоени бодови.
Шкупи денес за тренер го назначи Ќатип Османи, кој доаѓа како слободен, бидејќи претходно го раскина договорот со Шкендија, поради лошиот настап на тимот од Тетово во Европа и лошиот почеток од новата сезона во Првата лига. Османи ќе биде трет тренер на Шкупи од почетокот на сезоната, откако претходно клубот од Чаир ја прекина соработката со Булент Акин и Умит Каран.
Главен судија на натпреварот помеѓу Академија Пандев и Шкупи ќе биде Ставрев Александар од Скопје. Негови помошници ќе бидат Кировски Марјан и Костадинов Дејан од Скопје. Четврт судија на натпреварот ќе биде Пројковска Ивана од Скопје. За делегат на натпреварот е одреден Крстевски Ненад од Куманово, а контролор ќе биде Стојановски Драге исто така од Куманово.
Натпреварот се игра во недела на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, со почеток од 15:30 часот.