Ана Тимова и Костадинка Ончева од Струмица успешни ментори на наградувани ученици

Народната поговорка вели: Соседи и роднини не се бираат. Истото важи и за колегите, ретко се случува да имаме можност да ги бираме. Тие се дар. А кога соработката ќе прерасне во пријателство – тоа е вистински благослов.

Ана Тимова и Костадинка Ончева од Струмица се колешки, соработнички, пријателки. Работат во музичкото училиште Боро Џони во Струмица – Ана е професорка по солфеж и теорија на музиката, Костадинка по виолина.133218594_153773612828234_2992873056187246556_n

Освен редовната настава, тие се и ментори на учениците коишто учествуваат на натпреварите на сите нивоа – општинско, државно, меѓународно, на коишто секоја година бележат успеси. Пред неколку години дојдоа на идеја да формираат камерни состави користејќи повеќе инструменти и комбинирајќи различни групи на деца. Оваа година и покрај пандемијата, љубовта кон работата, музиката и нивните ученици уште повеќе ги мотивираше и активираше во насока на покажување добри резултати. Формираа дует со своите ученички Магдалена Мучева која свири на пијано и Матеа Димова која свири на виолина.

Ученичките освоија три први награди на реномираните меѓународни натпревари во Скопје и Штип и во Парма, Италија. Музицирањето од учениците бара многу вежбање и повторување, нешта што не се секогаш интересни за нив и пристапот и посветеноста на менторот се од исклучителна важност. Менторот е тој којшто ја насочува енергијата на ученикот и под чија рака се „бруси“ изведбата. Затоа двете професорки работат и за време на паузите на кои си разменуваат мислења, заеднички развиваат концепциски идеи, ги разработуваат и ги реализираат, а нивната меѓусебна соработка трае со години. Нивната посветеност на работата не завршува тука.133128060_118864073321850_4704520557389588820_n

Двете музичарки како тим, секоја година земаат учество и во голем дел од проекти кои ги организира општина Струмица бидејќи секој нов проект е нов предизвик за нив. Тоа е нивен обид да внесат нешто ново, нешто невообичаено, впечатливо, нешто што никого нема да го остави рамнодушен. Минатата година беа организатори на проектот “Големи уметници на голема сцена”, каде учествуваа наставници, професори и стручни кадри од сите основни и средни училишта во Струмица. Посветеност, љубов кон работата и кон учениците, соработничка атмосфера, колегијален дух во училиштето во коешто работат и безрезервна поддршка од колегите и директорката – сето тоа ги прави музичарките Ана и Костадинка тим што победува.

Comments are closed.