Беласица слави во струмичкото дерби за прва сезонска победа, „пандевци“ загубија на новиот стадион

Беласица слави во струмичкото дерби со Академија Пандев и ја запиша првата сезонска победа во Првата лига. „Пандевци“ први дојдоа до водство на Спортскиот центар „Пандев“, откако Ѓорѓи Стоилов го реализираше пеналот кој беше досуден во 10. минута од натпреварот. Беласица возврати со погодок на Митевски во 41. минута по грешката на голманот Алчевски израмни на 1:1.

Академија Пандев - Беласица, 11. коло ПФМЛ

Во вториот дел Беласица имаше поактивна игра дојде до водство од 1:2, откако Алчевски направи втора катастрофална грешка, во обид да го дегажира, го погоди Сулев и топката заврши во неговата мрежа. До крајот на натпреварот Академија Пандев се обиде да дојде до израмнување, но, Беласица успешно се одбрани од сите противнички напади и ја запиша првата сезонска победа.

Академија Пандев останува на претпоследното место на табелата со 7 освоени бодови, два помалку има Беласица која останува на последното место на табелата. Во следното коло Академија Пандев ќе има тешко гостување кај Вардар во обид да стави крај на серијата од три последователни порази, додека Беласица во Струмица ќе го чека Работнички.

Comments are closed.