Стартува втората кошаркарска лига – КК Струмица во групата „Исток“

Втората кошаркарска лига – Исток и Запад ќе стартува на 7. ноември. По заедничкиот состанок со претставниците на Здружението на Втората лига-мажи, и прегледувањето на пристигнатите пријави за настап во натпреварувачката сезона 2020/2021, дополнети со уплати за котизација за натпреварувањето во оваа конкуренција, утврден е бројот на екипите-учесници, како и системот односно календарот за новата сезона.

АРХИВА

АРХИВА

Како и во минатата, сега со вкупно 20. екипи, направена е поделба во две натпреварувачки групи.

Во групата „Исток“ се екипите на: Струмица, Феникс 2010, Ангели, Баскет Кам, Куманово 2, Ролинг, Борец Баскет, МКК Куманово, Пробаскет и Шкупи.

Во групата „Запад“ ќе се натпреваруваат екипите на: Тетекс ТТК, Спорт Тим, Партизан Водно Санс, Чаир 2030, Мега Баскет, Пелистер Медика Карта, Риниа, Охрид 2007, Хераклеа и Спарта.

Првото натпреварувачко коло во сезоната 2020/2021 година е предвидено да се одигра на 7. ноември, а согласно системот за натпреварување, во регуларниот дел, двете групи ќе се одиграат вкупно 18. кола.

Првопласираните четири екипи од Втора лига-мажи Исток и Запад се пласираат во четвртфиналето. Се игра во два добиени натпревари според системот (и1-з4, и2-з3, и3-з2, и4-з1), од кои првиот се игра на теренот на подобро пласираната екипа.

Победниците од четвртфиналните серии обезбедуваат пласман во полуфиналето на плеј-офот, кое исто така, се игра во два добиени натпревари. Двете екипи кои ќе ги добијат овие полуфинални серии ќе бидат промовирани во членови на Првата лига-мажи за сезоната 2021/2022.

Во финалето се игра еден натпревар, на неутрален терен, за конечен пласман и првак во Втората лига-мажи.

Поразените екипи во полуфиналето, еден натпревар, на неутрален терен, ќе се борат за трето, односно четврто место во сезоната 2020/2021.

Екипите кои ќе завршат на петтото место во регуларниот дел, во двете групи, остануваат во Втора лига-мажи.

Екипите пласирани од 6. до 10. место во регуларниот дел, во двете групи, во натпреварувачката сезона 2021/2022 ќе се натпреваруваат во Трета лига-мажи.

Во првото коло КК Струмица на домашен терен ќе се соочи со КК Феникс 2010.

Comments are closed.