Распишани конкурсите за поезија и плакат за десеттата манифестација „100 илјади поети за промена“

Струмица, 2 септември 2020 – Mанифестацијата „100 илјади поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст-Струмица“, го распиша поетскиот конкурс за годинашното издание на Фестивалот.

10.000-poeti---fb-cover

Поезијата со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално. Секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на фејсбук-профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 21 септември 2020, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението. Селектираните автори потоа ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“-Македонија, кој ќе биде издаден како дел од оваа манифестација.

 

- Сите останати пристигнати песни ќе бидат објавени на официјалниот сајт на „100 илјади поети за промена“, затоа што сме овде да се читаме и онлајн, нели? Ваков конкурс се организира веќе десетта година по ред, исто онолку пати колку и што се организира оваа манифестација во светот, додаваат од „Контекст-Струмица“.

 

Здружението распиша и конкурс за дизајнерско решение на постери/плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а тематски тие може да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој, мирот. Дизајнерските решенија може да се испраќаат на истиот мејл (poetizapromena@gmail.com) или на фејсбук-профилот на оваа манифестација најдоцна до 21 септември 2020, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредуваат организацискиот одбор на манифестацијата и здружението. Пристигнатите дела ќе бидат претставени за време на изложбата која е дел од манифестацијата „100 илјади поети за промена“, на 26 септември во Струмица.

 

Манифестацијата е меѓународна и се одржува во повеќе светски и европски земји, а нашата држава е дел од неа уште од самиот почеток и е поддржана од Општина Струмица.

Comments are closed.