Во моментот во земјава 35 лица заразени со Корона вирусот – 4 новодијагностицирани пациенти се со лесна клиничка слика

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче денеска на редовната прес-конференција за состојбата со Корона вирусот, информираше дека во моментот вкупната бројка на заболени во земјата изнесува 35 лица. Сите 4 новодијагностицирани пациенти се со лесна клиничка слика. Стабилна е состојбата на сите пациенти на Клиниката за инфективни болести и на пациентите во Дебар, а стабилна е и на пациентката која е на респираторна машина, односно нема знаци за влошување на нејзината состојба.korona-virus

„Доцна синоќа се изработија резултати на уште 4 пациенти кои беа во врска со онаа група од вчерашниот ден, последно дијагностицирана, а врз основа на епидемиолошките анкети и податоците со кои тие луѓе комуницирале. Во овој момент се прават анализи на уште 30 лица од кои едно од Куманово, две од Скопје и останатите 27 се граѓани на Дебар и околината. Станува збор за лица кои немаат симптоми, но е можно да биле во контакт со некој од заболените. Тоа значи дека скринингот добро се спроведува, разговаравме и со нашиот инфектолог, професорот од Скопје, локалните инфектолози и епидемиологот, кои имаат направено една шема, алгоритам по кој постапуваат”, потенцираше министерот Филипче.

Министерот истакна дека за авионот кој синоќа слета од Брисел, била поставена индикација за тестирање на 12 лица согласно податоците кои тие ги дале. Сите тестови се негативни и сите патници од авионот се пуштени дома во задолжителна самоизолација, согласно препораките.

„Вчера преку Деве Баир стигна и група од 10 луѓе, тие се сместени во Пепелиште и во текот на вечерта и утрово се прегледани од епидемиолог, и согласно одлуката, заради тоа што е можно да пристигнат и повеќе лица, тие ќе бидат префрлени во Заводот во Демир Капија. Имаше реакции дека таму условите не се соодветни и затоа преземавме мерки за нивно префрлање и се надевам дека ќе имаат разбирање за ова со оглед на важноста за индикација на оваа мерка”, информираше министерот.

Дополнително, министерот Филипче нагласи дека залихите на крв и крвни деривати се сосем доволни, направена е анализа во текот на денот и има идентична количина како што имало и истиот овој период минатата година. Потсети и дека сите итни интервенции и онколошки интервенции се извршуваат со вообичаеното темпо, рутина и индикација.

Во однос на денешниот предлог од Владата упатен до Собранието односно Претседателот на Република Северна Македонија за прогласување вонредна состојба, министерот Филипче истакна дека во рамки на здравствениот сектор, практично од крајот на јануари сѐ функционира во една вонредна состојба со поставување пунктови на граничните премини со подготвеност за препознавање на овие пациенти, со спроведување соодветни протоколи за мониторинг за лекување на Клиниката за инфективни болести, а со оваа вонредна состојба со ингеренциите кои и се даваат на Владата дополнително ќе се помогне во спроведување и евентуално заострување на некои од мерките.

„Раното откривање, скрининзите по епидемиолошки индикации, како што веќе почнавме да правиме во Дебар, а сега и во околината во Струга, некои населени места во Скопје и во други градови, согласно податоците кои ги имаат епидемиолозите, сметам дека е многу битно за да се откријат што порано случаите, за да не го оптоварат здравствениот систем и тоа понатаму да предизвика проблеми и компликации во лекувањето и неможност да се справуваме со овој проблем. Уште еднаш ги повторувам пораките – сите да се придржуваат до мерките за превенција, да не се излегува без потреба, да се држи дистанца, често да се мијат рацете. Ние продолжуваме со интензивната комуникација со јавноста и медиумите”, информираше министерот Филипче.

Comments are closed.