Афоризми на Ацо Ѓоргиев, дел 16

Идните генерации нема да можат да уживаат во плодовите од нашиот труд.
Зелен го обравме бостанот.

Откако некој ќе ти прирасне за срце,
значи дека имаш срцева слабост

Долга ни е чергата.
Колку носот на Пинокио.

Живеењето во Македонија е вистинската казна.
Сите други казни се само буџетски приход.

Синоќа со жена ми имавме бурна ноќ.
Цела вечер стававме лончиња – ни прокиснува покривот.

Имам само една желба.
Да фатам златна рипка

Помогни му на својот ближен.
Оти кога тебе ќе ти треба помош, тогаш нема да можеш да му помогнеш.

Сопствените грешки ги плаќаме по висока цена.
Искуството го добиваме како кусур.

Тој што рекол дека утрото е попаметно од ноќта, сигурно рано си легнува.

Жените се како ракиите.
Секоја различно “опива”.

Старите пријателства се како камени мостови – поврзуваат и тешко се уриваат.

Comments are closed.