СДСМ Струмица: Васил Пишев никако да го преболи поразот од Зоран Заев на последните локални избори

Прес конференција

Костадин Костадинов, портпарол на ОО СДСМ Струмица

Струмица, 19.07.2016г.

Интегрален текст:

DSC_8645

Секое време си носи свои серии, свои нови телевизиски сапуници. Порано на граѓаните им се сервираа јужноамерикански и шпански серии, потоа следуваа индиските телевизиски серии, за на ред да дојдат и бројните турски серии со по неколку стотини епизоди. Сите тие, колку-толку, некои повеќе, други помалку, го привлекуваа вниманието на телевизиските гледачи.

Еве, дојде време и за најновата серија во македонско – бугарска копродукција, во која главната улога му е доверена на Васил Пишев, во неа се менуваат и неколкумина статисти, а сценариото и режијата се на центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ.

И додека шпанските, индиските и турските серии предизвикуваа емоции кај гледачите проследени со воздишки и солзи, со оваа најнова серија гледачите не знаат дали да плачат или да се смеат.

Сценариото досадно, режијата дегутантна, а глумата на Пишев од лоша, полоша. Секој ден иста приказна, без кулминација и расплет.

Но, шегата настрана, повеќе од сигурно е дека давениците се фаќаат за последната сламка за спас, а Васил Пишев никако да го преболи поразот од Зоран Заев на последните локални избори. Колку зејтин и пари беа потрошени за корумпирање на гласачите, колку закани и притисоци беа направени, а не помогна ниту пукањето од пиштол пред гласачко место, ниту телефонските разговори и наредби до членовите на ДИК за поништување на две избирачки места.

Епилогот беше познат и очекуван, затоа што граѓаните знаеа кој е Зоран Заев, а кој Васил Пишев. Знаеа и тогаш, а знаат и сега.

И затоа џабе му се сите лаги и манипулации на Васил Пишев и на луѓето од врхушката на ВМРО ДПМНЕ. Попусто им се сите обиди да фрлат дамки врз најуспешниот градоначалник што Македонија и Струмица го имале од ослободувањето до денес.

Може Пишев да ги премолчува своите тендери добиени од општина Струмица, условите што ги има или ги нема за државни стокови резерви на зејтин или за сокривањето на својата имотна состојба во Бугарија, но мора да знае дека се ближи денот кога за сето тоа, но и за сите гнасни лаги ќе мора да се соочи со лицето на правдата, на онаа правда која нема да биде „сваровски судство“.

Секоја серија колку и да трае, колку и епизоди да има, има свој почеток и крај. Серијата на Васил Пишев и ВМРО ДПМНЕ, ќе има хепиендовска завршница за Зоран Заев и лош крај за актерот и режисерите. Бидете уверени дека ќе биде така и никако поинаку.

Comments are closed.

Web