Општина Струмица ја одбележа 72-годишнината од убиството на народниот херој Благој Јанков – Мучето

Пред спомен плочата во големиот градски парк, денеска, беше одбележана 72-годишнината од убиството на народниот херој Благој Јанков-Мучето. За животот и делото на Мучето, зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.1 4 7

-Денес е 14-ти јули. Уште 19 денови не делат од 2. август, кога празнувајќи ги двата Илиндена ќе ја одбележиме и 72-годишнината од Првото заседание на АСНОМ кое се одржало во манастирот Св. Прохор Пчињски. Уште неполни два месеца не делат од 11. септември, кога Струмица ќе ја прослави 72-годишнината од денот на своето ослободување. За Благој Јанков-Мучето овие два датума беа толку многу блиски, а сепак толку многу далечни. Судбината и непријателските куршуми сакаа, тој да не ги доживее тие значајни денови од нашата историја. Денес кога одбележуваме 72 години од тој злокобен чин кога згасна неговиот млад живот, можеме само да претпоставиме што ќе значеше за Мучето Првото заседание на АСНОМ на кое требаше да присуствува како делегат, и што ќе значеше за него првиот слободарски ден на родната му Струмица, ден кој го сонуваше со отворени очи и за кој го вложи своето револуционерно дело. За жал, се случи тој 14 јули 1944 година кога плачеа сите слободољубиви и правдољубиви граѓани на Струмица. Денес кога го одбележуваме овој ден и го чествуваме името, животот и делото на Благој Јанков-Мучето, должни сме да ги ползуваме фактите кои го комплетираат мозаикот од неговиот животен и револуционерен пат. Тие факти треба да ги чуваме и негуваме, за да не бидат предмет на заборав, бришење или преиначување, рече Христов.

Во знак на почит, пред спомен плочата беше положено свежо цвеќе, а рецитатори од домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.

Свежо цвеќе беше положено и пред Спомен бистата на херојот во малиот градски парк.

Comments are closed.