Спасовски од Струмица: Чист Избирачки список за ниту еден глас да не биде злоупотребен

-Десет години ги трпиме. Доста е! Веруваме во вас и ја имате нашата поддршка. Со овие зборови денеска беше пречекан Генералниот секретар на СДСМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски при неговата посета на Струмица.

На средбите со граѓаните на градскиот пазар, се разговараше за актуелните состојби во земјоделството, но и актуелната политичка состојба во државата.

-Нема откуп а и тоа малку што ќе го земат парите не ги даваат, катастрофа, се пожалија пазарџиите.

-СДСМ има тим и знаење како да ја направи Македонија подобро место за живеење за земјоделците, младите, пензионерите, за сите граѓани. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се минато. Слободата, демократијата, ги носат промените. Струмица е пример како домаќински и транспарентно се работи, рече Спасовски.

Тој презентираше дел од мерките од програмата на СДСМ со којашто ќе се подобри животот на граѓаните.

-Концептот на Програмата на СДСМ е економско издигнување и отворање на нови работни места за младите да останат дома, во својата татковина. Во фокусот ќе ни бидат и земјоделците, знаејќи дека ова е еден од најголемите земјоделски региони во Македонија. По промената на власта, СДСМ ќе ги зголеми субвенциите на 160 милиони евра годишно, заеднички ќе се договараат откупните цени, ќе има ревизија на државното земјоделско земјиште и негово доделување на вистинските земјоделци. Ќе има зелена нафта и земјоделска социјална пензија, додаде Спасовски.

Спасовски оствари средба и со пензионерите и во разговорот со нив најави дека СДСМ ќе обезбеди достоинствен и спокоен живот на пензионерите преку зголемување на пензиите и обезбедување државна социјална пензија во висина од 60% од просечната пензија.
Спасовски цврсто и решително рече дека нема да има уште едни криминални избори, а слободната волја на граѓанинот ќе биде испочитувана во целост.

-ДИК треба да го исчисти избирачкиот список и ниту една бројка, ниту еден глас, да не може да биде злоупотребена. Никој нека не размислува за криминални избори, тоа нема да го дозволиме. Секој што го прекиршил законот ќе одговара, рече Спасовски во разговорот со граѓаните на Струмица.

Спасовски при посетата во Струмица беше придружуван од претседателот на Комисијата за економија, Драган Тевдовски и пратениците од општина Струмица, Панче Орцев и Марјан Даскаловски.

Comments are closed.