ОО СДСМ Струмица: Граѓаните на Струмица открија бројни неправилности во Избирачкиот список

Прес конференција

Костадин Костадинов, портпарол на ОО СДСМ Струмица

Струмица, 16.03.2016

Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,

Хаосот што настана со Избирачкиот список, постои и во Струмица.

Се потврдува она што СДСМ го говори цело време, дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски организирале криминални избори, преку корупција, фантомски гласачи и злоупотреби на државните институции.

Изборните измами на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се потврдени и во Струмица. Граѓаните пријавија бројни неправилности во Избирачкиот список. Фантомски гласачи на домашните адреси на граѓаните, но и на адреси на јавни институции. Непостоечки индивидуални и станбени објекти за домување.

На улицата „Панче Пешев“ бр.42 семејна куќа е пишана како колективна зграда во која има 10 гласачи повеќе. На улицата „Ката Поцкова“ бр. 1, 2, 3 и 4 се наоѓаат празни плацеви, не постојат објекти, а се запишани вкупно 31 гласач. Ова се само дел од неправилностите во Избирачкиот список коишто ги утврдија граѓаните. Нерегуларности се утврдени и на улиците „Братство Единство“, „Моша Пијаде“, „Цветан Димов“, „Бетовенова“, „Дебарска“, „Спиро Захов“, „Маршал Тито“, „Ристо Ќурчиев“, „Светозар Марковиќ“.

 Општинската организација на СДСМ Струмица, ги охрабрува граѓаните да извршат проверка во Избирачкиот список и да ги пријават утврдените неправилности. Сите заедно да се обединиме за слободни и фер избори во кои ќе биде загарантирано правото еден човек – еден глас.

 За какви било неправилности во Избирачкиот список ОО СДСМ Струмица им стои на располагање на граѓаните секој ден.

Пријавувањето неправилности и сомнителни податоци може да се врши и преку посебниот телефонски број 02/3293 – 109 што го отвори СДСМ.

Хаосот во избирачкиот список треба да се расчисти. Секој што учествувал во изборен криминал треба и мора да одговара.

Почитувани граѓани,

Само со широка граѓанска иницијатива и вклученост на секој поединец можеме да обезбедиме прочистување на избирачкиот список  а со тоа зеднички да допринесеме кон создавање услови за фер и демократски избори.

Граѓаните се тие коишто ќе одлучуваат за иднината на својата земја на фер избори.

Во Македонија мора да има и ќе има слободни, фер и демократски избори со прочистен избирачки список и слободни медиуми.

 

Comments are closed.