Општина Струмица ја одбележа 12-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски

Со пригодна свеченост општина Струмица, денеска, ја одбележа 12-годишнината од трагичната смрт на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски. Пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк цвеќе положија претставници на семејството Трајковски, општина Струмица, општинскиот одбор на борците, претставници на јавни институции, политички партии и граѓани.

12795465_941176939269070_2811246829804797032_n
За делото на Трајковски зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица, кој меѓу другото рече дека, дванаесет години од тој ден, ние струмичаните и граѓаните на Македонија, стоиме простум со тага и почит, но и со гордост дека токму тој – Борис Трајковски, беше наш современик, роднина и пријател, наш сограѓанин и Претседател и додаде:

12798939_941176935935737_8152604032748952872_n
-Велат дека времето е лек за сите рани. Но раната наречена Борис Трајковски, се чини дека вечно ќе трае неизлечена во душата на секој што ја љуби Македонија. Само гордоста за Борис е мелем за таа рана. Болката можеби нема да го има интензитетот од пред дванаесет години, но лузната ќе остане за век и веков. А кога зборуваме за Претседателот Борис Трајковски, не смееме да ги заборавиме човечките доблести кои го красеа неговиот лик, доблести кои го правеа единствен и препознатлив. Трајковски беше човек од народот и човек за народот. Беше природен, без да сака да наликува на големец, кој е тешко достапен за обичниот граѓанин. Беше секогаш насмеан и приемчив, но и човек кој тешко ги поднесуваше строго определените правила за почитување на некакви протоколарни редови. Беше човек кој знаеше да љуби се што е позитивно. Силно ја сакаше својата Струмица, беше горд што е Македонец, но повеќе од се беше верен поклоник на Севишниот Господ-Бог. Тој знаеше да каже „Никогаш не сонував дека ќе станам претседател, но верувам дека за тоа бев избран од Бога.“ На таа висока функција-шеф на државата беше наименуван на 15 декември 1999 година во свечената собраниска сала, пред семејството, пријателите, членовите на Собранието, членовите на дипломатскиот кор и пред претставниците на верските заедници. Борис Трајковски – Вториот Претседател на Република Македонија, веднаш сериозно се зафати со обврските кои станаа негова должност, согласно добиената висока државничка функција. Иако јавноста на различни начини ја коментираше неговата работа, факт е дека Борис Трајковски работеше со чесни намери да и помогне на Република Македонија и на нејзините граѓани. Тоа тој го правеше со нагласена енергија, верба во успех и со многу, многу љубов. Остана верен на својот препознатлив стил со кој манифестираше ведрина, топлина, срдечност и беспрекорна ширина во своите погледи и ставови, рече Христов. 10574336_941176975935733_3724488856627619631_n

Пред почитувачите на Трајковски беше изведен и рецитал од членовите на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“, а беше засадено уште едно дрвце во паркот.

12524286_941177079269056_8077733450408656962_n 12795568_941176979269066_7233791424551196597_n

Comments are closed.